Нова варијанта на корона вирусот наречена BA.2.86, која има голем број мутации, досега се појави во четири земји – САД, Велика Британија, Данска и Израел, а научниците истражуваат до каде се шири и како имунолошкиот систем ќе се брани од тоа.
Новата варијанта, наречена и „пирол“ на социјалните мрежи, има повеќе од 30 мутации во споредба со најблиската претходна форма на BA.2, омикронската подваријанта, рече Џеси Блум, виролог во Центарот за рак Фред Хачинсон во Сиетл, Вашингтон.
Според неа, тоа е еволутивен скок споредлив по големина со оној што првично доведе до омикрон сој на корона вирусот, пренесува CNN.
Светската здравствена организација (СЗО) во четвртокот го назначи BA.2.86 како „варијанта под надзор“, што значи дека земјите треба да ги следат и пријават сите мутации што ќе ги откријат.
Трите случаи во Данска се откриени кај луѓе во различни делови на земјата, кои се чини дека немале контакт меѓу себе, соопшти данскиот институт.
Научниците од тој институт нагласија дека се уште е рано да се зборува за можната зголемена заразност на новата варијанта на корона, наведувајќи дека допрва треба да се направат тестови за човечки антитела.
Директорката на американската Национална агенција за јавно здравје Менди Коен во петокот рече дека новата варијанта не треба да биде причина за вознемиреност.
– Подготвени сме од кога било да откриеме и да одговориме на промените во вирусот Ковид-19 – рече Коен за Си-Ен-Ен.