663
Фолк ѕвездата Сузана Спасовска, заедно со професорот Сашо Ливрински и историчарот, ликовен уметник и истражувач Бранко Сотировски работи на нов музички проект, посветен на македонската митологија.
Проектот е насловен ,,Македонија рајот’’ и деновиве во соработка со ИН ТВ биле снимени десет песни и спотови за истите, во кои Сузи Национале се појавува средена како Олимпија, мајката на Александар.
,,Се работи за проект во кој е опишана македонската митологија и два дена снимавме на повеќе локации во Скопје. Ова е нешто ново на нашата естрада, и целата екипа доста професионално и посветено работеше изминатиов период’’ – вели Ване Петкоски, продуцент во ИН ТВ.
Ова не е прв пат Спасовска да се трансфорира за потребите на своите песни и спотови. Уште во деведесеттите години на минатиот век, кога повеќето нејзини колешки се појавуваа на сцената со уредни фризури и строги костимчиња, таа ја изненадуваше јавноста со ексцентричниот изглед.
Перики во јаки бои, леќи во боја, впечатлива сценска гардероба правена специјално по нарачка – сето тоа беше само дел од нејзиниот уникатен стајлинг.
Пред десеттина години, кога на светската музичка сцена се појави скандалозната поп пејачка Лејди Гага, Сузана ни изјави дека таа е само нејзина копија, и доколку се родела во Америка, ќе била првата Лејди Гага, и тоа уште пред триесет години.
,,Разликата помеѓу мене и Гага се финансиите. Кај нас од модерен изглед не се прават милиони, туку само може да се привлече и задржи вниманието на публиката, додека на запад од една перика може да се направи бренд’’ – тврдеше тогаш Спасовска.
,,Фокус’’ се обиде да стапи во контакт со неа, за да дознаеме како поминал процесот на трансформација во античката хероина Олимпија, и како Национале се снашла во новата улога, но таа не одговори на нашите повици и пораки.
Со оглед на тоа што во минатото се има појавено и во доста покомплицирани изданија, веруваме дека снимањето во улога на митолошка хероина и поминало лесно и во опуштена атмосфера.
Со години наназад, таа е дел од естрадните уметници кои настапуваат на митинзите на ВМРО ДПМНЕ.
Вики Клинчарова