Собранието денеска ќе ја одржи втората седница и на неа треба да бидe утврден бројот на потпретседатели во новиот парламентарен состав.
Според предлог-одлуката која е единствена точка на дневниот ред за денешната седница, и во овој собраниски состав ќе може да има најмногу пет потпретседатели.
На почетокот на седницата, која е закажана за во 11 часот, се очекува да биде констатирана и оставката на пратеникот Фљорин Бесими, брат на предлогот за министер за финансии Фатмир Бесими од ДУИ, а евентуално и оставките што би ги поднеле мандатарот за состав на владата Зоран Заев и другите новоизбрани пратеници од мнозинството кои се номинирани за министри.
Предлогот за составот на новата влада, пак, Заев треба да го достави до Собранието најдоцна до 2 септември, но брзото закажување на втората седница на Собранието е своевидно навестување дека Заев можеби нема да чека дотогаш, туку ќе го достави предлог – составот на Владата во наредните денови, а можно е тоа да се случи уште утре.
Во новата влада СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност.
Покрај Заев како премиер, членови на владата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јагода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.
ДУИ во Владата ќе има шест члена. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. Министер за информатичко општество и администрација, како што објавија од ДУИ ќе биде Јетон Шаќири.