Нова предизборна коалиција „Храбро за Македонија“:„Нема да поддржиме уставни измени ниту притисоци“

by Fokus

Лидерот на ГРОМ и актуелен градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски денеска ја официјализира коалицијата „Храбро за Македонија“, во која ќе учествуваат – ГРОМ, Интегра и Партијата за целосна еманципација на Ромите.

„Оваа коалиција се формира за јасно да кажеме дека нема да поддржиме ниту уставни промени, ниту притисоци, ниту уцени – ниту пред, ниту по избори и остануваме цврсто на ставот за разрешување на оние проблеми што вештачки се наметнуваат од страна на нашите партнери“, изјави Јакимовски.

Стевчо Јакимовски, Љупчо Ристовски од Интегра и претседателот на ПЦЕР, Самка Ибраимоски ставија потпис на договорот за заеднички изборен настап.

Целта на коалицијата, како што изјави Јакимовски по настанот, е да им се спротивстави на двете главни политички струи во земјата, кои ги оцени како несоодветни и јасно ќе каже „не“ за уставните измени и за сите притисоци и уцени.

„Коалицијата ‘Храбро за Македонија’ се формира со цел да се спротивстави на двете несоодветни политики во Република Македонија, како на овие што се внатре така и на оние што постојано вршат притисок, пред сè на политиката што е спремна сè да предаде само да остане на власт, но во исто време и на политиката што исто така е спремна да предаде, но тоа да биде после изборите и ако може да биде со одложено дејство. Оваа коалиција се формира за јасно да кажеме дека нема да поддржиме ниту уставни промени, ниту притисоци, ниту уцени – ниту пред, ниту по избори и остануваме цврсто на ставот за разрешување на оние проблеми што вештачки се наметнуваат од страна на нашите партнери“ порача Јакимовски.

Поврзани новости