Нови залихи на ФФП2 маски ЕУ испраќа денеска во Македонија и во Црна Гора, јави МИА од Брисел. Се работи за медицинска заштитна опрема од резервите на ЕУ.
„Горд сум што се мобилизира дополнителна заштитна опрема во Северна Македонија и Црна Гора од резервата РескЕУ на ЕУ. Со овие нови залихи на заштитни маски им пружаме заштита на медицинските работници и другите есенцијални работници“, – изјави Јанез Ленарчич, еврокомесaрот за хуманитарна помош.
Минатата недела двете земји добија помош од Австрија во облик на дезинфекциски гел, пешкири, ракавици и постелнина и се доставени преку ЕУ механизмот за цивилна заштита.
Резервите, како што објаснуваат од Европската Комисија, се наоѓаат во Романија и Германија, и овие две земји се одговорни за доставување на опремата. Европската Комисија целосно ја финансира набавката на ракавици и друга опрема, соопштија од таму. ЕК подготвува дополнителна помош во наредните недели.
Како што неодамна на прес- конференција соопшти министерот за здравство Венко Филипче, досега од ЕУ како помош стигнаа 20 монитори, уште дополнителни од нивната вкупна помош 25.000 маски N95, 100. 000 хируршки маски, 750.000 пара ракавици, 10.000 заштитни очила, со што вкупната вредност на помошта од ЕУ заедно со респираторите, кои стигнаа или ќе стигнат, достигна 3,2 милиони евра.
Тој посочи дека ќе стигнат и 20 респиратори од Норвешка и со нив и 20-те респиратори од ЕУ и дополнителни уште 15 преку УНДП.