Уште не се стивнати реакциите поради згаснувањето на апликацијата Конти, пирамидална шема во која инвестирале над 14.000 граѓани, и дел од нив останале без вложените средства, а веќе е актуелна нова ,,пирамида”.
Како јавна тајна, информациите за новата шема за наводна брза и лесна заработка се споделуваат на социјалните мрежи, и ,,Фокус” дознава дека имало голем интерес од страна на бројни граѓани.
Очигледно, искуството со Конти немало доволен ефект, па во трка по пари, се продолжува со инвестирање во непроверени платформи, иако уште во старт е појаснето – Гаранцијата е нула!
-За саат-два ви ја објавувам новата (апликација), први во Европа! За играчи кои имаат срце, знаат да ризикуваат и не се плашат, се надевам ќе играте паметно и се е на ваш ризик, гаранција нула проценти!
Како што ја донесов Конти во Македонија, како што го донесов Етернал, сега ви давам нова!
По објавата ќе ставам десет админи во групата, пишете им нив да ве управат, се што не е јасно за апликацијата, прашајте ги нив, пишува во пораката која е актуелна на социјалните мрежи, споделена во група на играчи на веќе згаснатата апликација Конти.
За случајот со Конти дозна целата јавност, откако сами играчи кои вложиле пари реагираа дека во последните две недели не можеле да ги си подигнат средствата.
Апликацијата чии корени водат до компанијата Конти Интернационал со седиште во Обединетото Кралство, неофицијално, имала над два милиони играчи ширум светот, и сите тие повеќе немале пристап до средствата.
Инаку, истата функционираше така, што членовите откако ќе вложеле пари, наводно заработувале со гледање на филмови и кликање лајкови, а всушност парите доаѓале од инвестициите на новите членови.
Се плаќало со крипто валути, што кај нас не е регулирано со закон, па оштетените не пријавуваат во МВР. Но, некои од играчите заработиле одредени суми на пари, додека пак некои изгубиле.
За ваквите апликации од Министерството за внатрешни работи апелираа граѓаните да се консултираат со експерти пред да се впуштат во инвестирање во потенцијални пирамидални шеми, бидејќи и во минатото имало слични апликации поради кои многу лица останале оштетени.
Вики Клинчарова