Пишува: Дејан Азески
Управниот одбор на НЛБ групацијата ја претстави својата долгорочна стратегија за раст и развој на мегаивентот, кој минатата недела во Љубљана собра повеќе од 200 странски инвеститори, финансиски експерти, аналитичари, претставници на клучни регионални компании и медиуми.
Според претседателот на УО на НЛБ банка Скопје, Бранко Грегановиќ, НЛБ групацијата покажува силна решителност дополнително да ја зацврсти својата позиција како водечка банкарска Групација во регионот.
„Беше задоволство да се слушнат ставовите и размислувањата на клучните фигури во рамките на нашата Групација, кои ни ги доближија стратешките цели, со предвидувања до 2030 година да станеме лидер во сегментот на мали и средни претпријатија на сите пазари, истовремено играјќи водечка улога во областа на финансирањето на енергетската транзиција, каде што обемот на ваквите заеми ќе изнесува 3,2 милијарди евра. Говориме за сериозни и амбициозни планови, кои се реални, имајќи ја предвид нашата посветеност и фокус на Југоисточна Европа од која потекнуваме и ја сметаме за свој дом“.
На дводневно организираната конференција, по принципот на тематски панели, членовите на Управниот одбор и најистакнатите експерти успеаја да им ги доближат на гостите предвидувањата за развојот на финансиите и економијата во регионот и во светот, во следната деценија.
РЕГИОНОТ ГО ЧЕКААТ ЗАБРЗАН ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ И НЕОГРАНИЧЕНИ ПЕРСПЕКТИВИ
Од морето информации, кои учесниците имаа чест да ги слушнат во Љубљана, најмногу интерес разбуди изјавата на претседателот на Управниот одбор на НЛБд.д, Блаж Бродњак дека нашиот регион го очекува двојнопобрз економски раст отколку оној на Западна Европа и дека НЛБ се подготвува да го следи тој чекор.
„Ние, како групација, сме еден од најголемите промотори на европските вредности во нашиот регион, бидејќи веруваме дека преку интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, економијата ќе расте двојно побргу. Затоа ги поддржуваме бизнисмените јасно и гласно да им кажат на политичарите дека овие земји заслужуваат да бидат дел од Унијата“.
Бродњак, за разлика од повеќето политичари во нашиот регион, е непоправлив оптимист и пацифист, и тоа го истакна повеќепати за време на неколкуте настапи на настанот.
„Никогаш повеќе, тоа е мојата главна порака до сите оние штозборуваат за војни и производство на оружје. Словенечкиот народ е еден мирољубив народ, а ние сме една пацифистичка групација и ќе продолжиме да ги промовираме тие вредности“, дециден беше Бродњак.
На настанот,меѓу неколкуте десетици познати говорници, запазен настап имаше и актуелниот министер за финансии на Република Словенија, КлеменБоштјанчич. Тој потврди дека државата го препознава значењето на развиениот пазар на капитал во развојот на економијата и дека интензивно работи на негово стимулирање.
„Преку новата државна стратегија се трудиме да му овозможиме на пазарот, и особено на приватниот сектор, најдобри услови за работа. Нашата главна цел е Словенија да стане растечки пазар на капитал. Го едуцираме и населението и ги охрабруваме сите субјекти да се вклучат во овој растечки процес, кој сè повеќе носи резултати“.
Ваквите најави од министерот Боштјанчич, практично ги потврди и членот на Управниот одбор на банката, Антонио Аргир. Според него, рекордно остварените резултати се доказ дека раководството и целата групација еволуира согласно потребите на пазарот.
„Кешот во нашиот регион сè помалку се користи и тој тренд само ќе се засилува. И тоа е добро, ако се знае како дигиталното банкарство влијае врзнамалувањето на корупцијата и сивата економија, плус многу други позитивни аспекти. Едноставно учиме од поразвиените држави и ги применуваме нивните искуства. Дигитализацијата на банкарското работење е важен сегмент во развојот на современата економија и ние како водечка банка во нашиот регион мора да сме во чекор со тие трендови“.
НЛБ најави и дополнително ангажирање во делот на „адет менаџмент“ и „ретаил” секторот, каде што потврдија дека сакаат многу поголем дел од колачот на овие растечки категории.
Рамка:
НЛБ се враќа во Хрватска?!
Сепак, најинтересната и најбомбастична информација што проструи во Љубљана беше онаа околу враќањето на НЛБ на хрватскиот пазар, како пазар со најголем потенцијал во нашиот регион, но и единствен, каде што оваа моќна банкарска групација не е присутна уште од 1990-тите години.
Претседателот на Управниот одбор, Блаж Бродњак потврди дека се почнати сите законски процедури штоќе водат кон овој голем чекор за банката и за економијата на јадранскиот регион во целост.
На овој начин би се заокружиле сите пазари кон кои првично е насочена банкарската групација и тоа би придонело за остварување на амбициозните финансиски планови што ги има НЛБ до 2030 година.