Нова линија Скопје – Франкфурт со „Луфтханза“ и нови четири линии со „Виз ер“, до Луксембург, Штутгaрд, Салцбург и Љубљана

by Fokus

Германската авиокомпанија „Луфтханза“ со помош на македонската Влада ќе воведе нова авиолинија Скопје-Франкфурт, информираа денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Тие информираа дека освен линијата од Скопје до Франкфурт која ќе започе од 23 април, десетпати неделно, унгарски „Виз Ер“ ќе опслужува четири нови дестинации трипати неделно од 1 ноември годинава. Ќе се лета до Луксембург, Штутгaрд, Салцбург и Љубљана.

Финансиската поддршка за двете компании ќе изнесува 7 евра по патник превезен од Меѓународниот аеродром Скопје.

„Авиопревозниците „Луфтханза“ и „Визер“ ќе летаат и по неколку пати дневно од нашите аеродроми. Со авиопревозникот „Луфтхаза“ преку Франкфурт, нашите граѓани ќе имаат можност да се поврзат со повеќе од 200 дестинации во повеќе земји во Европа и светот со оглед на тоа дека аеродромот во Франкфурт е еден од неколкуте најголеми аеродроми во светот“ рече Ковачевски.

Наша стратешка цел, потенцираше тој, е да ги искористиме сите капацитети што ги нудат Меѓународниот аеродром „Скопје“ и охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.

Министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски рече дека воведени се нови дестинации за кои имало голем интерес од граѓаните. Има, како што рече тој, дополнителни средства за да се објави нов повик кон крајот на годината со цел да се привлечат нови дестинации.

„Одговорено е позитивно на барањата за новите пет дестинации од овие две авиокомпании, а секоја друга компанија што ќе сака да оперира од нашите аеродроми кон која било европска дестинација тоа може да го направи и без субвенции. Но, останува правото на Министерството за транспорт и врски, доколку сметаме дека е потребно, а јас сметам дека е потребно и имаме дополнителни средства да објавиме и нов повик кон крајот на оваа година со цел да привлечеме можеби дополнителни авиокомпании но и дополнителни дестинации за нашите граѓани“ – рече Бочварски.

Поврзани новости