Нова кривична за Ристески, се товари дека ја оштетил општината за 200.000 евра

by fokus

Општина Прилеп до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник Марјан Ристески поради сомневање дека сторил кривично дело „несовесно работење во службата“.

Кривична пријава е поднесена против правно лице за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и против управителот на правниот субјект со иницијали Т.Н.

Како што информираше Моника Талеска, советник за односи со јавност на прилепскиот градоначалник, ексградоначалникот на Прилеп му овозможил на правен субјект без надомест да располага со објектите на прилепското друштвото за телесно воспитување „Партизан“, уште од 2007 година до денес, со што ја оштетил Општината за околу 203.000 евра.

Талеска појасни дека како градоначалник на Општина Прилеп, врз основа на претходно склучен договор за закуп на недвижен имот без надомест, Ристески му овозможил на правниот субјект, во периодот од 26 декември 2007 година до денес, незаконито да располага со објектите на прилепското друштво за телесно воспитување „Партизан“.

– Со тоа што знаел и бил должен да знае  дека правниот субјект не ги исполнува обврските согласно потпишаниот договор и дека од денот на неговото потпишување па до денес правното лице не ги реализирало најавените инвестициски зафати со вредност од 150.000 евра, Ристески направил повреда на законските прописи за совесно постапување при вршење на посебното овластување и должност како градоначалник на општина Прилеп. Со тоа, ексградоначалникот Марјан Ристески во периодот од 26 декември 2007 до денес, поради така склучениот договор за закуп без надомест, на Општината ѝ предизвикал штета поради загубена добивка од закуп на објектите на ДТВ „Партизан“, во висина од 202.986 евра, изјави Талеска.

Општинска комисија ја потврдила, според Талеска, направената злоупотреба и договорот е раскинат. Кривична пријава е поднесена и против правниот субјект, кој како договорна страна се јавува во предметниот договор, како и против Т.Н. управител на правното лице.

– По завршувањето на кривичната постапка, пред Основниот суд во Прилеп против одговорните ќе биде иницирана постапка за надомест на направената штета, рече Талеска.

Поврзани новости