Поранешниот директор на Клиниката за неврохирургија Александар Чапаровски доби уште една кривична пријава од Единица за економски и компјутерски криминал. Од МВР информираат дека прјавата во текот на вчерашниот ден ја поднеле до поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „Противправно стекнување со имот“.
По дополнително преземени мерки и активности од страна на Единица за економски и компјутерски криминал утврдено е дека пријавениот, во временскиот период од 2007 до 2017 година, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба, согласно член 33 од Законот за спречување на корупцијата, со намера да го прикрие противправно стекнатиот имот, не ја пријавил својата имотна состојба во Државната комисија за спречување на корупција, со што се стекнал со значителен износ на парични средства, недвижен имот и монети од благороден метал, велат од МВР.
Оттаму појаснуваат дека инспекторите од Единица за економски и компјутерски криминал во присуство на јавниот обвинител го отвориле сефот во банка, кој Чапаровски го земал под закуп и во него пронашле 199.000 евра, 18.300 американски долари, 21.900 швајцарски франци, 1.500 фунти, 50 лева, како и паричник со 19 монети од благороден метал и накит, за кои пријавениот немал доказ од каде потекнуваат.
-Од извршениот увид во Агенцијата на катастар за недвижности на Република Македонија е утврдено дека А.Ч. располага со шест имотни листа недвижен имот на подрачјето на Скопје и еден имотен лист недвижен имот во Гостивар. А.Ч во мај годинава беше кривично пријавен за „Примање поткуп“, каде при извршен претрес во неговата работна канцеларија беа пронајдени и одземени вкупно 24.890 евра, 4.477 американски долари, 2.250 швајцарски франци, 65 австралиски долари, 170 хрватски куни, 60 бугарски лева и 4.700,00 денари, додека при извршен претрес во неговиот дом пронајдени се и одземени вкупно 9750 евра и 10.000 денари, велат од МВР.