„Да! Тој доаѓа“ – ова е новата засега неофицијална кампања започната во ДУИ. Слоганот е споделен од членови и симпатизери на партијата.
Многумина ова го толкуваат и го поврзуваат со кампањата која деновиве се најавува за избор на прв премиер Албанец во Македонија.
Бујар Османи пред неколку дена најави дека наскоро Албанец ќе биде премиер, со што потсети на договорот со СДСМ од деновите на последното коалицирање, а истото подоцна беше дообјаснето од Артан Груби.
Во изјава за косовска телевизија, Груби рече дека договорот што бил постигнат меѓу лидерот Али Ахмети и поранешниот премиер Зоран Заев предвидува во последните 100 дена од мандатот на Владата функцијата да ја извршува Албанец.
Груби рече дека нема амбиции да го замени актуелниот премиер Димитар Ковачевски, туку дека изборот ќе го направи лидерот Али Ахмети.
Од „Огнената група“ пак најавија петиција за разрешување на Груби и министрите во Владата од редовите на интегративците.