Нова хумана димензија на Водици во Кавадарци: Црквата и обичаите во служба на народот

by fokus

Денес на градскиот плоштад во Кавадарци е изложен светиот крст, кој вчера за верскиот празник Водици го фати седумнаесет годишниот Дарко Недев. Верниците во текот на денот можат да го даруваат крстот, а пак сите средства кои ќе бидат собрани ќе и бидат наменети на малата Драгана Малкиќ, на која и е потребно лекување во Германија.

Хуманата акција е идеја на Недев и на навивачката група Лозари Исток на која тој и припаѓа. Граѓаните се трогнати од хуманиот гест, за кој тврдат дека е вистинската слика за вербата во Бог.

-Хуманост, помагање, соживот, тоа е она кое што секогаш треба да е главната мисија на секоја вера. Потегот на Недев е за почит, ја враќа вербата во човечноста, но и не потсетува за вредностите кои црквата треба да ги негува – коментираат кавадарчани на социјалните мрежи.

Во минатото, во Тиквешијата беше практика тој кој ќе го фати крстот за Водици, заедно со свои пријатели да оди од врата на врата, а пак граѓаните им донираа пари за здравје. Пред неколку години, со цел да дојдат до лесна заработка, се појавија лажни крстоносци, кои со лажен крст собираа пари од верниците. Со цел да им се стави крај на измамниците, кои со наводно осветен крст собираа пари, од пред две години од црквата Свети Димитрија од Кавадарци порачаа дека нивниот став е светиот крст да стои во црквата, каде секој ќе може да го целува и да остави своја донација.

Инаку, носењето на крстот од врата на врата, носи и добра заработка. Верник од Неготино, кој во минатото неколку години по ред го фатил крстот од водите на Вардар, ни раскажа дека влегувал во водите на реката по осветениот крст првенствено за здравје, но сепак и заработката од носењето на крстот по домовите не била за занемарување, бидејќи собирал и по неколку илјади евра од дарежливите верници.

И додека во Кавадарци празникот Водици доби нова, хумана димензија, во Неготино уште останува традицијата да се носи крстот од врата на врата и да се собираат пари. Годинава крстот од осветените води на реката Вардар го фати петнаесетгодишниот Јован Богев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости