Нова група сведоци и оштетени денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да сведочат во судскиот процес за масовното прислушување познат како „Таргет-Тврдина“.
Најголемиот дел од сведоците кои се повикани за денеска, на предлог на обвинителството, се лица чии телефонски броеви биле прислушувани во периодот од 2008 до 2015 година. Меѓу најавените сведоци има новинари, адвокати, истакнати личности од општествено-политичкиот живот и други. Мери Јордановска, Зоре Темелковски, Владимир Пивоваров, Трајче Арсов, Звонко Давидовиќ, Хари Костов, се имињата кои на минатото рочиште беа споменати меѓу оние кои денеска треба да сведочат.
И на минатото рочиште сведочеа дваесетина оштетени лица кои биле таргети на прислушувањето, најголем број од нив беа новинари и уредници, но имаше и неколку политичари и бивши функционери, како ексминистерот Горан Сугарески, градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ, бившата пратеничка и потпретседателка на СДСМ Фросина Ременски и нејзиниот сопруг Јовче Ременски.
Каде работеле, дали имале сомнежи и како дознале дека се таргет на прислушувањето, но и дали се чувствуваат оштетени, беа најчестите прашања кои им ги упатуваше обвинителката Ленче Ристоска, која на рочиштето беше придружувана од колегата Трајче Пеливанов.
Ристоска и Пеливанов беа застапници на обвинението кога за него беше надлежно СЈО, а останаа обвинители во случајот и по примопредавањето на предметите од СЈО во редовните обвинителства.
На обвинителна клупа во „Таргет-Тврдина“ седат бившиот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет Тони Јакимовски, началникот на Петтата управа Горан Грујевски, ексразузнавачот Никола Бошковски и уште неколку лица вработени во УБК. Обвинета е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која за ова рочиште треба да биде спроведена од затворот „Идризово“ каде влезе пред два дена на издржување на четиригодишната затворска казна за случајот „Тенк“.
Според обвинението за „Таргет-Тврдина“, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4.286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. На 1 541 број, пак, комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Или, вкупно биле прислушувани 5.827 телефонски броја. Прислушувањето, според обвинителството, опфатило над 20 илјади граѓани.