Уште неколку пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да дадат поддршка на уставните измени, кога во последната фаза од гласањето повторно ќе биде потребно двотретинско мнозинство, тврдат извори од ВМРО-ДПМНЕ за „Дојче веле“. Се уште не е познато кои пратеници ќе се отклонат од партискиот став, нивните имиња се чуваат во тајност за да се спречат било какви притисоци.
„Во основа, тоа е лична, автономна одлука на дел од пратениците, но јасно е дека имаат големо охрабрувачко влијание и изјавите на угледни членови на партијата кои даваат поддршка на интеграциските процеси. Да не заборавиме, тука е и писмото кое го обелодени Владимир Пешевски, а е поддржано од голем број поранешни партиски функционери, во кое исто така се сугерира потребата од поддршка на уставните измени, како и заложбата за помирување“, велат изворите за „Дојче веле“.
Според нив, сепак најголемо влијание врз одлуката на оние кои се решени да ги поддржат уставните имени, имала „двојната политика“ на раководството кон тоа прашање.
„И од последниот Конгрес на ЕПП во Хелсинки и од други европски фуинкционери, се повеќе стигнуваат јавни изјави, односно докази дека нашето раководство едно зборува пред нив, друго пред членството. Во странство се ветува конструктивност и отсуство на опструкции кон Договорот од Преспа, а овде – отпор и неприфаќање на тој Договор. Сега, кога тоа се потврдува речиси секојдневно, тешката ‘магла’ полека се расчистува, а во пратеничката група се помалку постои расположение да се биде заложник на такво лицемерие“, објаснуваат партиски извори.