Нова бетонизација на Карпош?

Пред општинските советници е извршена презентација на повеќе урбанистички планови и плански програми.

by Фокус

Дали се поставуваат темели за нова бетонизација на Општина Карпош – оваа дилема се отвори откако e извршена презентација на десетици нови нацрти на детални урбанистички планови и плански програми, кои, меѓу другото, предвидуваат изградба на нови станбени блокови и сообраќајници на сметка на зеленило.

Имено, општинскиот советник од Левица, Мартин Димоски, објави дека пред советниците е извршена презентација на 39 ДУП-ови, кои, според него, предвидуваат:

1. На местото на фабриката Алумина изградба на висококатница од 105 метри;

2. На местото на фудбалските игралишта на Алумина и Локомотива изградба на станбен објект и улица;

3. Од Зоолошка па се до Карпош 4, покрај бул. Илинденска изградба на станбено-деловни објекти;

4. На повеќе локации станбени згради со приземје и 12 спрата;

5. Неколку нови станбени комплекси од типот на Настел;

6. Нови згради и на Букурешка, Прашка и Варшавска;

7. Нови станбени згради во Влае, Козле, Карпош 4;

8. Над 40-тина згради, во кои, согласно предвидената изградена површина, се очекува да живејат над 15.000 жители;

9. Повеќе верски објекти од училишта, градинки и игралишта;

10. Сообраќајници кај парковите спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“ и Алумина;

„Речиси сите овие урбанистички планови се отпочнати во мандатот на Стефан Богоев, а најголем дел од истите се нарачани од градежни компании кои со години го силуваат Скопје“, напиша Димоски на фејсбук, порачувајќи дека ќе ги урнат овие планови во советот или преку референдум.

РАБОТНИ ВЕРЗИИ

Во однос на тоа, стапивме во контакт со претходниот градоначалник од редовите на СДСМ Богоев, кој кусо изјави:

„Ова е толку полно со лаги, дезинформации, спинови и манипулации што е излишно да се коментира“.

Инаку, општинскиот советник Димовски за Фокус вели дека само 4 од споменатите 39 ДУП-ови се во фаза на планирање, додека останатите чекаат мислење од Министерството за транспорт и врски, или, пак, се веќе доставени до Комисијата за урбанизам.

-Би требало на некоја од комисиските седници во декември да се разгледуваат – ни изјави Димовски.

Во однос на тоа, од Општина Карпош на чело со градоначалникот Стевчо Јакимовски велат дека не станува збор за планови во напредна фаза пред конечно усвојување.

„Станува збор за работни верзии на планови изготвени од претходниот градоначалник (Богоев)“, ни одговорија од Општината.

ИНФОРМАТИВНО ЗАПОЗНАВАЊЕ

Невена Георгиевска, совеничка од независната иницијатива „Независни за Карпош“, вели дека на советниците не им биле презентирани само ДУП-ови, туку и плански програми.

-Тоа значи дека некој иницирал ПП, ако не помине во следни фази нема да има ДУП. ДУП-овите кои ни ги презентираа главно се во различни фази, и многу од нив можеби нема ни да бидат прифатени или ќе претрпат измени додека дојдат во фазата на Јавна презентација и Јавна анкета пред граѓаните – објаснува Георгиевска.

Таа додава дека се работи за информативно запознавање на советниците за да може да ги постават прашањата кој ДУП во која фаза, e кој го нарачал, што значат одредени делови, дали се можни измени и сл.

-14 презентации беа за блокови од укинатите 5 ДУП-ови, главно се прецртани тие што беа укинати или се вметнати состојби од регулациските планови донесени од Град Скопје. И сите произлегуваат од постоечкиот ГУП кој во 2022 треба да биде заменет со нов – истакнува Георгиевска.

Таа порачува дека за секој ДУП или планска програма транспарентно ќе известуваат и ќе ги запознаваат граѓаните што е планирано и во ниту еден случај, како што порачува, нема да поддржат нови градби без претходни анализи дека ќе овозможат хуман и здрав живот.

Влатко Стојановски

Поврзани новости