Нов Зеланд: Одложени парламентарните избори за еден месец поради зголемениот број случаи со Ковид 19

by Fokus

Премиерката на Нов Зеланд, Џacаинда Ардерн ги одложи парламентарните избори во земјата за еден месец, поради состојбата со коронавирусот.

Гласањето што требаше да се одржи на 19 септември, е одложено за 17 октомври.

Ардерн денеска соопшти дека новиот датум ќе им овозможи на партиите „да го планираат опсегот на активности во рамки на кампањата“.

„Оваа одлука им дава време на сите партии во текот на следните девет недели за кампања, а на изборната комисија доволно време за да создаде безбедни услови за гласање“,изјави Ардерн.

Опозициската Национална партија тврди дека изборите треба да се одложат, бидејќи ограничувањата за кампањата и даваат предност на Ардерн.

Од средата во најголемиот град Оукленд се воведени рестриктивни мерки, поради голем број нови случаи со ковид.

Во понеделникот се регистрирани девет нови случаи, со што бројот на активни случаи поврзани со кластерот во Оукленд е 58.

Епидемијата првично беше локализирана на членови на едно семејство, но подоцна контактите водеа до вработен во продавница, кој се разболел од ковид-19 на 31 јули.

Ова се првите случаи на зараза по речиси три месеци без да биде регистриран ниту еден случај на зараза во оваа земја.

Постојат четири нивоа на тревога во Нов Зеланд, а во Оукленд е воведено трето ниво, додека остатокот на земјата е на ниво 2.

Мерките предвидуваат строги контроли на границите, агресивна програма за тестирање и лоцирање на контактите и забрана за движење освен за набавка на намирници. За непочитување на мерките се предвидени големи парични казни.

Од почетокот на пандемијата, Нов Зеланд пријави повеќе од 1.600 заразени и 22 смртни случаи.

Поврзани новости