Ако Собранието ги изгласа измените на Законот за помилување, тогаш во иднина претседателот на државата нема да може да помилува лица кои се осомничени или обвинети, туку само оние за кои има правосулна судска пресуда дека сториле одредено кривично дело.
Ова го најави самиот Пендаровски, а денеска го потврди и министерот за правда, Никола Тупанчевски кој изјави дека е подготвено целосно ново законско решение за да нема различни толкувања за помилувањата, бидјеќи според него тоа го овозможувало актуелното законско решение.
– Се покажа тоа дека не е најдоброто решение. Во таа насока се обидовме и се обидуваме да се сведат на минимум таквите можности за различно толкување на законот, така што дадени се прецизни критериуми. Се знае точно кои институции до каде се надлежностите и ингеренции и практично се анулирани сите оние потенцијални можности за злоупотреба на законот за помилување. Се разбира претседателот ќе го има крајниот збор, затоа што тоа е поединечен правен акт којшто го донесува претседателот на државата и тука се инволвирани уште казнено-поправните установи и Министерството за правда. Она што е важно има рокови коишто се прецизни и докрај се прецизирани ингеренциите на сите засегнати страни, на сите институции коишто учествуваат во процесот на помилување, рече Тупанчевски.
https://fokus.mk/se-sprema-nov-zakon-pretsedatelot-nema-da-mozhe-da-dava-abolitsija/