Нов туристички центар или нов Субрата Рој?

Наскоро продажба на Езеро Треска

by fokus

Привршуваат подготовките за распишување на јавниот оглас за продажба на земјиштето околу Езерото Треска. Почетната цена ќе биде едно евро за метар квадратен, а ќе се продаваат околу 75.000 квадрати.

Пишува: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

Езеро Треска, некогашниот симбол на Скопје и омилено место на скопјани во летните месеци изградено со самопридонес во 1978 година.

Се упативме кон езерото и кампот кој до лани и некако успеваше да функционира благодарение на упорните кампери кои таму беа уште од основањето.

За разлика од лани кога и имаше нешто од езерото, сега тоа веќе го нема. Водата е повлечена, а околу езерото пустош и руини од некогашните објекти кои беа дел од на Спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“.

Откако Владата го прогласи некогашниот спортско-рекреативен центар за туристичко-развојна зона под името ТРЗ Сарај, одговорна за неа е Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

КОМИСИЈАТА ЈА ПОДГОТВУВА ПРОДАЖБАТА

Агенцијата сега има за задача да ја подготви зоната за продажба според Законот за туристички развојни зони.

Комисијата при Агенцијата за ТРЗ Сарај е формирана со Решение од 05.08.2022 година и до денеска има остварено четири работни состаноци во врска со продажбата на земјиштето за зоната.

На тие работни состаноци биле потврдени членовите, донесен бил и Деловникот за работа на комисијата, се разгледувале законските можности за продажба на земјиштето кое е во државна сопственост, а треба да се оствари и теренска посета на зоната.

Сега, откако работите се мрднати од мртва точка, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, односно Комисијата ќе распише оглас со критериуми и почетна цена за продажба на земјиштето.

Планот е огласот да биде распишан околу Нова Година.

Оној кој ќе го купи земјиштето ќе добие низа поволности, односно туристичката развојна зона нуди слични поволности како што слободните економски зони им нудат на странските компании.

Времето ќе покаже дали со планот на Владата за туристичко-развојна зона Езерто Треска ќе го врати стариот сјај или само поединци ќе профитираат од ниската цена за продажба на земјиштето.

Останува надежта дека ТРЗ Сарај нема да заврши како ТРЗ Љубаништа, туристичко развојната зона во која контраверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој требаше да го гради „Дубаи во Охрид“.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

 

Поврзани новости