Нов телефонски разговор меѓу Путин и Бајден

by fokus

Претседателите на САД и Русија, Џо Бајден и Владимир Путин, на барање на рускиот лидер разговараа телефонски околу 50 минути. Ова беше втор разговор меѓу двајцата лидери за помалку од три седмици.

Советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, рече дека Путин го предупредил Бајден дека нови санкции против Москва може да ги нарушат врските меѓу САД и Русија. Ушаков додаде дека Кремљ е задоволен од разговорите, кои, според него, биле фокусирани на безбедносните гаранции поврзани со тензиите на границата меѓу Русија и Украина.

Путин повторно понуди мали индиции за неговите намери, изјавија официјалнo лицe по завршувањето на повикот, јави Си-Ен-Ен.

Наместо тоа, двајцата претседатели одржаа, според зборовите на американскиот официјален претставник „сериозна и суштинска“ дискусија, за време на која Бајден му претставил два патишта на Путин додека тој продолжува да собира руски војници на границата со Украина: едниот – дипломатски пат кон деескалација и еден со користење економски санкции, засилено присуство на американски војници на источното крило на НАТО и зголемена помош за Украина.

Кој пат ќе биде избран „ќе зависи од активностите на Русија во претстојниот период“, рече претставникот, велејќи дека ќе има „сериозна цена и последици“ доколку Русија продолжи со својата регионална агресија.

Путин, според Ушаков, одговорил со силно предупредување. Тој му рекол на Бајден дека воведувањето нова рунда санкции против Русија би претставувало „колосална грешка“ што може да доведе до целосен распад на односите меѓу двете земји.

Бајден, исто така, му рекол на Путин дека САД не планираат да распоредат офанзивно оружје во Украина, рече Ушаков. Путин „забележа дека ова е една од клучните точки вклучени во нацртот (за безбедносните гаранции што ги бара Русија)“, додаде Ушаков.

Околу 100.000 руски војници се распоредени долж украинската граница, и покрај предупредувањата од Бајден и европските лидери за сериозни последици доколку Путин се одлучи за инвазија. Американските официјални лица, исто така, велат дека Москва е вклучена во масовна кампања за дезинформации со цел да ја поткопа украинската влада пред националните избори во таа земја.

Поврзани новости