Срамот што го доживеа американскиот претседател Џо Бајден по откривањето на доверливи документи во неговите стари канцеларии се претвора во голема политичка криза што може да го поткопа случајот за обвинение против поранешниот претседател Доналд Трамп за собирање државни тајни во својата резиденција на Флорида.
Откритието дека уште неколку доверливи документи, од времето кога Бајден ја извршуваше функцијата потпретседател, беа пронајдени на друга локација, им стави ветар во грбот на републиканците кои тврдат дека поранешниот претседател се третира неправедно, бидејќи специјалниот советник продолжува истрагите за доверливи документи пронајдени во Мар-а-Лаго, пишува Си-Ен-Ен.
И додека во моментов Трамп е во многу посериозна ситуација бидејќи чувал стотици документи, но и се обидел да го спречи нивното пренесување во Националниот архив како што налага законот, растечките проблеми на Бајден отвораат огромен простор за сегашниот про-Трамп мнозинство во американскиот Конгрес. Републиканците веќе подготвуваат истраги за да го докажат своето долгогодишно верување дека демократите ја користат федералната влада и разузнавачките агенции како оружје во борбата против конзервативците, но и да создадат впечаток дека нема разлика помеѓу однесувањето на Трамп и постапките на Бајден и неговиот круг на луѓе.
Острите критики на Бајден за ракувањето со доверливи информации од страна на Трамп сега му се враќаат како бумеранг и ја отвораат можноста тој да биде обвинет за лицемерие. И двата случаи ќе бидат истражени одделно, но можноста Трамп да биде обвинет за кривично дело за однесување што на многу гласачи ќе им се чини слично на она на Бајден, може да го направи секое правно гонење политички неодржливо.
Исто така, добро ќе му дојде на Трамп, кој тврди дека е нападнат за да ја уништи неговата кампања за претседателска номинација следната година. Кампањата започна бавно, но сега скандалот со доверливи документи може да и ја даде потребната енергија и динамика, во обидот на Трамп повторно да влезе во претседателскатa трка.