Комплетиран е новиот состав на Комисијата за помилување, а за утре е предвидено да се одржи конститутивна седница, информираше денеска на брифинг со новинарите претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Како што рече таа, претседателка на Комисијата е Милка Ристова, а во нејзиниот состав уште се Оливер Бачановиќ, Александра Груевска-Дракулевски, Блерта Ахмеди, Драгана Батиќ, Афет Мамути и Доан Сулејманоски.
Изборот на нова Комисија следува откако претходниот состав поднесе колективна оставка по помилувањето на контроверзни ликови од скопското подземје, меѓутоа Сиљановска не гледа вина ниту во Комисијата, ниту кај себе, истакнувајќи дека членовите се повлекле од етички причини.
Според неа, Комисијата носи одлуки врз основа на документитација за утврдени лица од страна на затворските управи, при што главниот збор го имаат надлежните судови, кои практично ги дефинираат досиејата за осудениците, а притоа извршната не смее да се меша во судската власт.
Врз основа на тие досиеја, Комисијата дава предлог до претседателката на државата, која потоа ја носи одлуката, така што, нагласува претседателката, никој нема законски основ да се става во улога на истражител и да бара дополнителни податоци од МВР, АНБ или други институции.
Инаку, претходната Комисија „падна“ откако одлука за помилување беше донесена за член на криминалниот картел Барон, кој веднаш по помилувањето беше уапсен како осомничен за обид за убиство, и тоа во периодот додека активно издржувал затворска казна.
Вториот спорен или „интересен“ помилуван лик е арачиновец познат по прекарот Версаче поради луксузниот стил на живеење, чиј брат, како што објавија дел од медиумите, деновиве учествувал во престрелка со огнено оружје во Арачиново.
Претседателката Сиљановска тврди дека одлуките за помилување на осуденици и таканаречената „милост“ не се судира со нејзините главни заложби за правна држава и владеење на правото, врз основа на кои ја бараше и ја доби поддршката на изборите.
Влатко Стојановски