Откако во четвртокот кавадарчанец беше лишен од слобода бидејќи пукал со воздушна пушка кон кучето на соседите и го повредил, веќе наредниот ден, во петокот, во Демир Капија се случил сличен настан.
Како што информираат од СВР Велес, демиркапиецот М.Ј. пукал кон кучето на неговиот сосед и го ранил.
-На 17.11.2023 во 15.42 часот во Полициската станица Демир Капија, 59-годишен маж од Демир Капија пријавил дека неговиот сосед М.Ј. со воздушна пушка пукал кон неговото куче. Полициски службеници излегле на местото и затекнале повредено куче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – известуваат од СВР Велес.
Пукањето кон животни со воздушна пушка кон кучиња, мачки, птици, но и кон луѓе станува честа пракса во земјава, а да се дојде до ова оружје потребна е само лична карта. Токму поради лесниот начин за набавување на воздушна пушка, истата ја има во голем број на домови.
Но, како што појаснуваат добро упатени лица, со тек на годините воздушните пушки се изработуваат по нови стандарди и се се помоќни, за разлика од оние кои кај нас биле застапени пред триесеттина години, па со моќноста која ја имаат новите модели, може да се предизвикаат сериозни повреди кај човек, но и да се убие помало животно.
Изминатите години беа регистрирани повеќе случаи на намерно ранување на човек со воздушна пушка во земјава. Во Гостивар пред две години младо момче пукаше кон својот другар и тешко го рани, по што доби обвинение за кривично дело тешки дела против општата сигурност.
И во Врапчиште имаше случај кога малолетник погоди и тешко рани свој врсник со воздушна пушка.
Пред три години пак, скопјанец рани шест-годишно девојче со воздушна пушка, која без дозвола ја зел од сопственикот, а настанот се случи во Македонски Брод.
Прилепчанец пак, во 2020 година, кој сакал да погоди куче со воздушната пушка, го рани својот братучед во пределот на главата, и повредениот со тешки повреди беше пренесен на скопските клиники. Истата година, кавадарчанец по расправија со својата баба пукаше кон неа со воздушна пушка и и нанесе тешки повреди.
Јавноста се сеќава и на случајот од 2019 година, кога старец од Тетово пукаше кон група деца кои му правеле врева пред зграда, по што едно дете беше погодено и се здоби со повреди.
Редовни се известувањата за лица повредени од воздушна пушка во земјава во дневните билтени на МВР, со што се отвора прашањето дали се потребни повискоки критериуми за добивање на овој вид на оружје, кое е лесно достапно и широко распространето.
Инаку, воздушните пушки се продаваат по цена од 150 евра, па нагоре, во зависност од моделот, а се користат за спорт, но и за лов на птици и зајаци. Во Македонија, според голем број на евидентирани случаи, незаконски се користат за убивање и ранување на мачки и кучиња, а во бројни регистрирани случаи дијаболите завршуваат и во луѓе.
Вики Клинчарова