Нов случај на мали сипаници, заразено невакцинирано дете од 4 години

by fokus

Нов случај на мали сипаници е регистриран изминатите две недели. Станува збор за невакцинирано дете на возраст до четири години од Скопје. Случајот е лабораториски потврден. Заклучно со 1 ноември во државава се регистрирани 1.901 случај на мали сипаници со стапка на заболување од 91,9 на 100.000 жители. Сé уште е во тек епидемија на мали сипаници, стои во извештајот што на својата веб страница го објави Институтот за јавно здравје.

Според резултатите од примероците испратени во референтната лабораторија за мали сипаници во Луксембург, циркулира генотипот B3 Dublin, кој го има и во соседните држави.

Во текот на 42. и 43. недела во државата вакцинирани се 1.123 деца (од предучилишна и училишна возраст). Вкупниот број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата изнесува 42.746 (во прикажаниот вкупен број вакцинирани се вклучени и пропуштените и редовно вакцинираните деца со МРП вакцина), се посочува во извештајот на Институтот за јавно здравје.

Од почетокот на епидемијата, па досега, во центрите за јавно здравје дополнително се аплицирани 6.295 дози на вакцина, од нив повеќе од 60 отсто кај здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, а останатите се лица на возраст над 14 години.

Поврзани новости