Цените на нафтата денеска се зголемија за 2 отсто и отидоа на повеќе од 90 долари за барел, достигнувајќи го највисокото ниво од ноември минатата година, откако Саудиска Арабија и Русија објавија дека ќе ги намалат испораките до крајот на годината, објави Ројтерс.
По пладне цената на барелот на лондонскиот пазар беше повисока за 1,21 долар во однос на вчерашното затворање и изнесуваше 90,21 долар, а на американскиот пазар барелот вредеше 87,14 долари или 1,59 долари повеќе од вчера.
Саудиска Арабија моментално ги намалува испораките за милион барели дневно, а пазарите денеска ги потресоа најавите дека ќе го скратат до крајот на годината и секој месец ќе ја анализираат состојбата на пазарот.
Русија денеска најави и намалување на извозот на нафта за 300.000 барели дневно со цел „да се зачува стабилноста и рамнотежата“ на нафтените пазари, објави денеска рускиот вицепремиер Александар Новак.
Саудиска Арабија и Русија се водечки извозници на нафта во светот и членки на групата ОПЕК +.
Таа организација, независно од Саудиска Арабија и Русија, објави дека вчера во нафтената кошничка на нејзините земји-членки барелот поскапе за 1,61 долари, на 91,27 долари.