Нов скандал го тресе Град Скопје: Синџир со катанец го пречекал Славески на еден од влезовите во бараките

На самиот образец до кој успеа да дојде „Фокус“ може да се забележи дека првиот човек на Советот се најавува дека оди кај самиот себе, поточно лицето Славески оди кај претседателот Славески.

by Fokus

Покрај сите случувања во последниот период во Град Скопје, нов скандал го тресе Советот со кој управува Трајко Славески од редовите на  ВМРО-ДПМНЕ, неофицијално дознава „Фокус“.

Според нашите информации, просториите на претседателот на Советот на Град Скопје се сместени во барака 1, која се наоѓа на спротивната страна од барака 16, каде се одржуваат седниците.

Нашите извори, исто така тврдат дека за влез во комплексот бараки има уште неколку влеза. Еден што е непосредно до барака 1, каде што е канцеларијата на Славески, а клуч од таа врата имаат само возачот и техничката секретарка.

Но, пред два дена на еден од влезовите е поставен синџир со катанец, со што дури и на претседателот на Советот му е забранет тој влез, па и тој мора да се најавува како сите гости кои доаѓаат во посета кај него.

„Фокус“ го контактираше претседателот на Советот, Славески кој ни ги потврди информациите, тврдејќи дека тој сега е како гостин и има можност да влегува само преку главниот влез.

„Ова не е некој посебен проблем за мене, но е повторно обид за понижување на функцијата претседател на Советот.

 

Затоа, што јас почитувам институции, утрово точно во 9:00 часот кога стигнав на главната капија си пополнив образец што го подигнуваат сите гости (ова е новина од скоро), каде треба да наведете кај кого одите и при излез треба да го вратите образецот потпишан од содветниот „орган“, тврди Славески.

Тоа што е уште потрагично во целата ситуација е што самиот претседател на Советот пополнува образец на име Трајко Славески, како граѓанин кој оди во посета кај  претседателот Трајко Славески.

На самиот образец до кој успеа да дојде „Фокус“ може да се забележи дека првиот човек на Советот се најавува дека оди кај самиот себе, поточно лицето Славески оди кај претседателот Славески.

„Ова е сигурно наредба на Данела Арсовска. Ништо не може да се направи без нејзино знаење“, вели Славески во изјава за „Фокус“.

Веќе подолг период случувањата во Град Скопје се излезени од контрола. После јавните препукувања меѓу актуелната градоначалничка Арсовска и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ редовните седници на Град Скопје поминуваат во тензична и напната атмосфера, проследени со навреди и обвинувања.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости