Иницијаторот и еден од организаторите на протестот за слобода на осудените за нападот во Собранието од 2017 година, кој се одржа на 25-ти април, Боби Темелков од Светски Македонски конгрес – Канада, повторно најави нов протест. Според објавата која ја сподели велешанецот кој живее во Канада, Македонците во светот и татковината, македонските заедници и организации од Европа, Канада, САД и Австралија на 29-ти Мај 2021 година (сабота) во Скопје по втор пат ќе организираат Семакедонски мирен протест под слоганот “Правда за уставобранителите – слобода за Македонија!”.
-Нашите барања за обновување на постапката со нови клучни докази и сведоци мора да биде прифатена, или ќе падне одлука за обновена постапка за политичките прогонувани патриоти, или ќе падне Владата, протестите во една или друга форма ќе продолжат се до конечно остварување на целта . Семакедонскиот протест започнува со собирање на учесниците пред Владата од 11 часот. Маршот од пред Владата тргнува во 12 часот, а оттаму ќе се движи по булевар ,,Даме Груев“, Булевар ,,Димитрие Чуповски“, Булевар „11 Октомври“, до Собранието на Македонија во 13 часот. Семакедонскиот Народен протест пред Собранието ќе трае до 15 часот. На Семакедонскиот протест ќе биде интонирана националната химна ,,Денес над Македонија“ и ќе се прочита Декларација со барања кои ќе бидат доставени до: Претседателот, Собранието и Владата на Република Македонија, Обединетите Нации, Советот на Европа, ЕУ, НАТО, ОБСЕ и странските амбасади и мисии во Република Македонија. Семакедонскиот протест ќе биде без бина и без говори. Организаторите на Семакедонскиот протест ги канат сите Македонци по род и државјанство, сите политички партии и здруженија на граѓани на масовно учество, без партиски знамиња. Декларацијата од Семакедонскиот протест ќе биде отпечатена на летоци и поделена на учесниците. Организаторите на Семакедонскиот протест апелираат до сите учесници да се придржуваат на протоколите за време на пандемија, носење маски и на пропишана дистанца, како и на почитување на неповредливоста на имотите и неприкосновеноста на животите. Организаторите се оградуваат од навредливи скандирања и транспаренти на етничка и верска основа – наведено е во објавата, во која пишува дека организатори на протестот се Македонците во светот и татковината.
Првиот протест за ослободување на осудените за насилниот упад во Собранието кој се случи на 27-ми април 2017 година, заврши со кривична пријава против Тодор Петров од Светски Македонски конгрес, кој според информација од МВР, организирал протест пред Владата и Собранието, на кој не се почитувале мерките за заштита на населението од заразни болести.
Вики Клинчарова