Нов протест во Нови Сад

by Fokus

Активистичките групи „Став“ и „Свиќе“ најавија нов протест во Нови Сад за денеска во 14 часот, кој ќе започне во близина на железничката станица, каде што на 1 ноември загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.

Како што објавија групите на социјалните мрежи, во рамки на денешната акција ќе се движат по Булеварот на ослободувањето и ќе го обојат во црвено.

„За цел Нови Сад да види крвави траги кои почнуваат од железничката станица и завршуваат во градските и државните институции. Понесете боја и ракавици, а попатно ќе имаме оперативна поддршка“, се додава во соопштението.

„Став“ и „Свиќе“ најавија дека ќе продолжат со различни форми на граѓанска непослушност се додека не се исполнат сите барања и не се ослободат активистите.

„Минатата недела докажавме дека режимот попушта под притисокот на граѓаните, активистите и опозицијата, нема да се држиме за збор, туку будно ќе ги следиме започнатите процеси и повторно и повторно на улица ќе ги потсетуваме дека Сакаме: активистите слободни, убијците во затвор“, се додава.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад во четвртокот, 20 дена по несреќата, соопшти дека се уапсени 12 лица, меѓу кои екс министерот за градежништво Горан Весиќ, поранешниот директор на српската железничка инфраструктура Небојша Шурлан и вршителот на должноста генерален директор на акционерското друштво „Инфраструктура железница Србија“, Јелена Танасковиќ.

Во меѓувреме, во Нови Сад и во Белград се одржаа неколку протести под паролите „Рацете ви се крвави“ и „Корупцијата убива“, од кои најголемиот беше одржан во Нови Сад на 5 ноември.

Граѓаните на Србија во петокот во 11:52 часот им оддадоа почит на жртвите од новосадската трагедија со 15-минутна пауза, прекин на работата и излегоа на улиците на повеќе локации во земјата и побараа истрага за кривична и политичка одговорност за несреќата.

Поврзани новости