Со краток протестен собир пред седиштето на ЕВН во Гостивар, група гостиварци искажа незадоволство против одлуката за поскапување на струјата.
Организаторите на протестот – навивачката група „Кастриоти“, петтиот протест по ред го локализираа на помал простор, од центарот за култура па до корисничко енергетскиот центар Гостивар на ЕВН.
Селајдин Абдули од Движењето „Отпор“ од село Чегране во име на организаторот на протестот побара ЕВН да го зголеми бројот на наплатни места и шалтери за плаќање на сметки и да ги отвори експозитури во другите населени места.
На протестниот собир пред објектот на ЕВН во Гостивар беа прочитани барањата Регулаторната комисија за енергетика да ја поништи одлуката за зголемување на цената на електричната енергија за 7,4 проценти, да се намали цената на електричната енергија за 20 проценти, а Владата да го намали ДДВ-то на енергијата од 18 на 5 проценти.
Денес, како поддршка на протестантите беше и Аријанит Џафери од Организацискиот совет на истите протести во градот Тетово.
Тој за новинарите изјави дека во наредниот период притисокот ќе биде насочен кон Собранието, од кое зависат две од нивните четири барања – распуштање на Регулаторната комисија за енергетика и формирање на независно тело кое ќе има улога да ги контролира услугите на енергетските компании кои ги даваат на граѓаните.
Меѓу протестантите беше и градоначалникот Арбен Таравари со неколку соработници кои рекоа дека како граѓани даваат поддршка на протестите.