Нов протест во Белорусија, му се оддава почит на загинат демонстрант

by fokus

Неколку илјади луѓе се собраа повторно во Минск во знак на протест против реизборот на претседателот Александар Лукашенко.

Демонстрантите се собраа околу метро станицата во западен Минск за да му оддадат почит на демонстрантот кој неодамна таму почина.

Сопругата на починатиот белоруски демонстрант изјави дека не верува во официјалниот извештај дека Александар Тарајковски загинал кога му експлодирала бомба во раката, која тој имал намера да ја фрли кон полицијата, туку тврди дека тој бил убиен од полицијата. Елена Герман денеска изјави, неколку часа пред погребот на нејзиниот 34-годишен партнер, дека е сигурна дека тој бил убиен од страна на полицијата.

Тарајковски загина во понеделникот, во протестите во центарот на Минск кои избувнаа поради несогласувањата со официјалните резултати од претседателските избори, според кои, авторитарниот претседател Александар Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, го освои шестиот мандат.

На Герман и било дозволено да ја посети мртовечницата дури во петокот и да го види телото на нејзиниот сопруг, кој почина четири дена порано.

Таа рече дека не верува дека тој држел експлозив во рака. – Постои шав во пределот на градниот кош, но исто така, и црна модринка која е мала, но ние ја забележавме. Неговите раце и нозе се целосно непроменети, нема дури ни модринки, рече таа.

– Очигледно е дека станува збор за куршум во градите, рече таа.

Белоруското Министерство за внатрешни работи одби повторно да ја коментира ситуацијата, по првичното тврдење дека еден демонстрант починал од рачна граната.

Герман рече дека ќе бара целосна истрага, ја повика белоруската организација за човекови права да и помогне, и рече дека сака меѓународни експерти да учествуваат во истрагата.

– Се чувствувам бесно и лута сум. Затоа сакам правда, рече таа.

Поврзани новости