Коалицијата „Граѓаните за Македонија“ со соопштение ги повикува сите граѓани утре во 18 часот, масовно да дојдат пред резиденцијата на Груевски, како што велат, за уште еднаш бучно и громогласно да му порачаат: „Никола, оди си!“
„Ги потсетуваме граѓаните и овој пат, со себе да носат тенџериња, капаци од тенџериња, лажици, пластични туби и други предмети кои создаваат бучава, за Груевски да слушне и конечно да разбере дека мора да си оди. Ние, граѓаните, громогласно ќе му кажеме на Груевски дека не сме ги заборавиле неговите злодела и криминали, за кои тој и неговата тајфа ќе мора да одговараат, а и него ќе го потсетиме на клучните телефонски разговори (бомбите) што досега ги презентираше опозицијата“, се наведува во соопштението.
Коалицијата информира дека за таа цел, за време на утрешниот протест под мотото: „Се сеќаваш ли на овие разговори? Граѓаните се сеќаваат и ќе те потсетат дека мора да си одиш!“, ќе бидат емитувани и клучните разговори од „бомбите“.