Уште еден протест поради случајот со Клиниката за онкологија се одржува вечерва. Предвидено е учесниците на протестот од Владата да се упатат кон „Рекорд“, па од плоштад „Македонија“, да стигнат до Основното јавно обвинителство во Скопје.
Како што наведуваат организаторите, се бара „правда за жртвите“.
Даријан Петров, активист и театарски актер од Скопје рече дека неговата мајка ја изгубиле од канцер во 2020, а годината претходно се лекувала на Клиниката за онкологија.
– Ве охрабрувам сите, да ја искористиме нашата болка која ја создадоа монструозните умови во нашата земја Македонија и да ја трансформираме во достоинствена борба за подобро утре, во критика на системот на секој можен начин, во градење здрава заедница, здрави вредности, соживот – рече Петров.
Откако „Фокус“ ја обелодени криминалната шема на Онкологија, Обвинителството отвори предистрага, а тоа покрена и граѓански протести.