Косовската полиција соопшти дека рано утрово се случиле две нови експлозии во близина на полициско возило во месноста Шарпеј, близу Јариње во северно Косово, на границата со Србија,јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението на полицијата се наведува дека возилото врз кое биле фрлени пиротехнички средства се наоѓало на статичен пункт поставен за спречување на прекуграничниот шверц во таа област.
-Од увидот на местото на настанот е забележано дека на стаклата на возилото останало парче хартија, за кое се претпоставува дека потекнува од пакувањето на пиротехничките средства. Настанот се случил на место во близина на територијата на Србија, така што постои основано сомневање дека средствата се фрлени од српска територија. Полицијата била во извидување на илегален премин кој е затворен од пред извесно време, а кој се користел за шверц на стоки, се вели во соопштението.