Во Зиген-Ајзерфелд, 32-годишна Германка нападнала шест лица со нож во автобус. Три лица се во животна опасност, едно е тешко повредено, а други двајца се полесно повредени.
Нападот со нож се случил синоќа околу 19:40 часот во автобус со најмалку 40 патници, кој одел на градска прослава во Зиген. Полицијата ја уапсила напаѓачката, а истражните органи засега не сметаат дека станува збор за терористички напад.
Осомничената е Германка, која според информациите на агенцијата ДПА боледува од психички болести и отпорано ѝ била позната на полицијата. Таа со нож нападнала шест лица. Тројца се уште се во животна опасност, додека тројца повредени веќе ја напуштиле болницата.
Полицијата од Дортмунд, која ја презеде истрагата за овој случај, апелира до граѓаните да не шират лажни информации на социјалните мрежи или други канали, а особено да не го поврзуваат овој инцидент со терористички напад. Полицијата нема сознанија кои би упатувале на вакви тврдења, се вели во соопштението.
Нападот се случи точно една недела по нападот во западниот германски град Солинген, во кој напаѓач со нож уби три лица, а рани осум. Осомничениот, 26-годишен Сириец, е приведен. Терористичката организација Исламска држава (ИД) ја презеде одговорноста за нападот во Солинген, но германските власти се уште истражуваат дали ИД навистина стои зад нападот.