Во тек се подготвителни активности за монтажен објект на Клиниката за пулмологија и алергологија, кој ќе биде поставен на просторот меѓу Институтот за патофизиологија и Институтот за ТБЦ, информираа од Министерството за здравство.
Веќе е поставена бетонската плоча како подлога за монтажно-модуларниот амбулантско поликлинички оддел, а кон крајот на неделата ќе почне поставувањето на контејнерите, чија монтажа треба да заврши до 30 јули. Се планира кон средина на август, објектот да биде целосно подготвен.
Како што соопштуваат од МЗ, во новиот објект ќе бидат лоцирани четири амбуланти и кабинети со спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две засебни простории за дневни болници за сместување амбулантски пациенти.
Од Клиниката за пулмологија појаснуваат дека пациентите со белодробни заболувања, заради хроничната болест на белодробниот систем се во најризичната група од ковид-19, како и за развивање тешки компликации од вирусот. Поради тоа, како што велат, посебно е значајно поставувањето на монтажната амбуланта, која ќе ги исполнува најсовремените стандарди за работа.