Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска имаше средба со претставници на Независниот синдикат на одбраната на која беше постигната согласност до крајот на годината да биде потпишан нов Колективен договор со кој ќе се унапредат правата на вработените во одбраната и Армијата.
Како што соопштија од министерството за одбрана ова е продолжение на успешната соработка на министерката Петровска со синдикатите во одбраната, која досега резултираше со измени на Законот за служба во Армијата со кои се воведоа повисоки плати, се зголемија месечните приходи со исплата на месечна станарина се унапреди статусот на припадниците на Армијата, се воведе отпремнина за професионалните војници со навршени 45 години, подобри услови за пензионирање и низа други поволности за припадниците на Армијата.
„Соработката на министерката со Синдикатите по донесувањето на овој Закон продолжи со несмалено темпо што доведе до изготвување на нов Закон за вработените во одбраната со кој се воведуваат низа поволности и за административните службеници и за сите категории на вработени во Министерството за одбрана“ наведуваат од министерството.
Претседателот на Независниот синдикат на одбраната Ванчо Исајов го поздрави процесoт на донесување на Законот за вработени во одбраната кој во моментов се наоѓа во собраниска процедура.
Од страна на претставниците на Независниот синдикат во одбраната, денеска на министерката Петровска и беше врачена благодарница за успешната соработка и за нејзината поддршка за унапредување на положбата на вработените во одбраната и Армијата.