Нов колективен договор во високото образование и повисоки плати, најавија премиерот Зоран Заев и министерката за образование и наука Мила Царовска кои денеска го посетија Природно-математичкиот факултет и сесретнаа со деканот Александар Скепаровски и продеканите со кои разговараа за усвојувањето на Колективниот договор за високо образование и наука.
– Ние во последните две-три години, низ инклузивна размена на мислења со управите на високообразованите институции и со синдикатите, успеавме да го доведеме до неговата завршница. Со Колективниот договор е предвидено и зголемување на плататa на наставниот и ненаставниот кадар во 2021 година и во 2022 година. Со стабилизацијата на економската ситуација од последиците од панедмијата со КОВИД-19, ваквата динамика на раст на платите ќе продолжи и до 2025 година, истакна Заев.
Како што соопшти владината прес-служба, со Колективниот договор првпат по 30 години се уредува системот на плати во високото образование и се спречуваат неизвесностите на кои со години беа изложени научниот, наставниот и ненаставниот кадар во високото образование. Дополнително, колективниот договор првпат ја уредува и основната бруто-плата со коефициент на сложеност на работното место во високото образование.
– Едно од позабележителните постигнувања со овој Колективен договор е и уредувањето на исплатата за минат труд, кој во изминатиот десетгодишен период или не се исплаќал или се исплаќаа со големи тешкотии од страна на високообразовните установи, нагласи Заев.
Министерката Мила Царовска посочи дека продолжуваат инвестициите во науката, додавајќи дека оваа во споредба со минатата година има 12 отсто повеќе финансиски средства за наука и дека во идниот период ќе се работи на системско финансирање на лабораториите коишто се акредитирани.
– Оние кои не се акредитирани да успееме да станат акредитирани на факултетите и да продолжат да создаваат наука којашто е апликативна и ќе приденесе за целокупниот развој на нашата држава, рече Царовска.