Во доцните вечерни часови во Кавадарци се случила несреќа, кога се откачил метален предмет од рингишпил, и истиот повредил малолетник.
Момчето било пренесено во болница, од каде го пријавиле случајот во полиција.
– На 30.08.2024 во 00.40 часот во ОВР Кавадарци бил извршен службен разговор со В.К.(38) од Прилеп, сопственик на рингишпилот во Кавадарци, по претходно пријавен настан од болницата во Кавадарци, каде, според пријавеното, бил донесен малолетник, врз кој, додека бил на рингишпилот во Кавадарци, паднал метален предмет од рингишпилот и малолетникот се здобил со телесни повреди, констатирани во болницата во Кавадарци.
Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Кавадарци и се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираат од СВР Велес.
Ова не е прв инцидент на рингишпил периодов. Пред само десет дена во Медицинскиот центар Струмица бил донесен малолетник од Ново Село, со тешки телесни повреди, здобиени во забавен парк.
Од болницата, настанот го пријавиле во СВР Струмица.
Според пријавеното, малолетникот се здобил со повредите во забавен парк во с. Ново Село, откако врз него паднал рефлектор. Во врска со настанот од слобода бил лишен Б.К.(40) од Прилеп. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Струмица и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Од СВР Велес немаат информација дали евентуално станува збор за истиот забавен парк.
Пред околу три месеци до „Фокус“ стигнаа реакции од родители од неготинското село Криволак, кои реагираа дека е поставен небезбеден рингишпил и бараа инспекцискиет служби веднаш да излезат на терен.
Реагираа дека на нестабилни дрвени греди е поставен рингишпилот и е загрозена безбедноста на децата и тинејџерите. Тогаш од Општина Неготино изјавија дека службите веднаш ќе излезат на терен, бидејќи од забавниот парк никој официјално не побарал дозвола за негово поставување.
Дали и колку се безбедни мобилните забавни паркови, кои се поставуваат низ општините во земјава, со оглед на тоа што многу од нив имаат реквизити стари и по неколку децении, е прашање кое се почесто се поставува во јавност, посебно откако во соседна Србија, но и во Грција се случија неколку трагедии, во кои беа повредени деца. Во Грција пак, пред неколку недели во Пефкохори, почина 19- годишно момче кога му се откачи седиштето на рингишпилот.
Поради бројните немили настани, јавноста реагира и бара ригорозни контроли во забавните парковите во земјава.
фото – рингишпилот за кој реагираа родители во Криволак:
Вики Клинчарова