Нов гаф на Бајден: ги помеша француските претседатели – Макрон и Митеран

by Fokus

Лапсусот на американскиот претседател Џозеф Бајден во кој го помеша францускиот претседател Емануел Макрон со еден од неговите претходници, Франсоа Митеран, кој почина пред речиси 30 години, доведе до урнебесно видео кое го обиколи интернетот.

Бајден (81), кој во неделата одржа говор во Лас Вегас, Невада, ја опишуваше реакцијата на неговиот француски колега на состанокот на Групата седум индустриски развиени земји (Г7) во 2020 година.

Освен тоа што го погреши името на францускиот претседател со кој разговараше, тој ја погреши и неговата земја, но потоа сам ја исправи грешката.

„Му реков: „Америка се врати“, рече Бајден на митингот, овековечен во видео кое кружи на социјалните мрежи.

„Митеран или Макрон, од Германија – мислам, од Франција, потоа ме погледна и ми рече: „Знаеш што, зошто се врати и колку долго ќе трае тоа“, рече Бајден.

Тоа видео, во кое Бајден се двоуми, прави грешки и ги бара вистинските зборови е прегледано и споделено илјадници пати на платформата Х.

Митеран ја водеше Франција од 1981 до 1995 година, а почина во 1996 година. Емануел Макрон е претседател на Франција од 2017 година.

За многу од неговите противници, годините на Бајден се изразен недостаток за неговиот реизбор на претседателската функција. Следните избори ќе се одржат на крајот на годината.

Поврзани новости