Здружението „Нов АСНОМ“ денеска преку соопштение побара Бугарија да ѝ исплати на Македонија воени репарации во износ од 334.266.670 долари за штетата нанесена за време на бугарската окупација во Втората светска војна.
Сметаме дека Република Македонија, треба да пристапи кон разгледување и формализирање на вакво барање и до нашиот источен сосед, час поскоро, официјално да поднесе адекватно барање – се вели во соопштението на организацијата.
„Нов АСНОМ“ за појдовна сума во барањето ги зема 25-те милиони долари кои Бугарија прифатила да ги плати како репарација кон СФР Југославија при потпишување на Бледскиот договор на 1 август 1947 година во Блед, Словенија.
– Сумата од 334.266.677 американски долари ја добивме кога ги пресметавме инфлаторните трошоци од 1 август 1947 година, па се до денеска, и за тоа го користевме инлфаторниот калкулатор на Министерството за труд на САД – објаснуваат од „Нов АСНОМ“.
„Нов АСНОМ“ предлагада се донесе закон кој строго ќе го утврди трошењето на овие средства во развојот на недоволно развиени подрачја и одредени инфрастуктурни проекти, распределени на следниот начин: 40 отсто од парите да се користат за реновации на болничките центри и вработување во болничките центри во источниот и јужниот регион на Македонија, 30 отсто за изградба на пречистителни станици во Битола, Охрид и во Струмица и 30 отсто за реновирање на школите низ Македонија.
„Нов АСНОМ“ е здужение формирано во 2021 година од Македонци кои живеат во Канада, Австралија и Македонија.