Полицијата отвори истрага против премиерката на Норвешка, Ерна Солберг по откритијата дека таа и нејзиното семејство ги прекршиле ограничувањата на земјата за Ковид-19.
Солберг го собрала своето семејство во скијачкиот центар Геило за нејзиниот 60-ти роденден на крајот на февруари, кршејќи ги ограничувањата и препораките за ограничување на социјалните контакти, објави јавниот радиодифузер НРК.
-По информациите што се појавија низ печатот, заедно со изјавите на премиерката, полицијата одлучи да поведе истрага поврзана со потенцијално кршење на регулативата за заразни болести, се вели во соопштението на полицијата.
Солберг објави реакција на нејзината страница на Фејсбук.
-Жал ми е што моето семејство и јас ги прекршивме прописите за короната, тоа никогаш не требаше да се случи. Ние, се разбира, требаше да ги следиме сите препораки, како што ве замолив да направите. Особено мислам на сите оние кои мораа да се откажат работи што ги очекуваа, роденден со соученици, прослава со пријателите или што било друго што е важно. Ги разбирам оние што се лутат и се разочарани од ова. Направив грешка и за тоа сакам да кажам дека ми е жал, напиша таа.
Освен санкции оваа афера може да има последици и на нејзината политичка кариера бидејќи земјата се подготвува за избори во септември.