Кралството Норвешка донира седумдесет и шест моторни возила на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден во Скопје.
На церемонијата на која беа изложени добиените возила, се обратија министерката за одбрана Славјанка Петровска, амбасадорката на Кралството Норвешка за Северна Македонија, Кристин Мелсом, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и бригадниот генерал Андрес Јернберг, командант на логистика на Вооружените сили на Кралството Норвешка.
Петровска во своето обраќање истакна дека денешниот настан најдобро го отсликува цврстото сојузништво помеѓу Северна Македонија и Кралството Норвешка и дека одбранбена соработка е пример за сојузничка соработка и поддршка со која се зајакнува македонската армија, а истовремено се зајакнува и мирот, безбедноста и стабилноста на Алијансата.
„Оваа норвешка донација од 76 неборбени моторни возила, значително ќе придонесе за зголемување на транспортните можности на едниците на Армијата односно на нивната борбената готовност. И јас како министерка, но и припадниците на Армијата и граѓаните на оваа држава, благодарни сме за вашата донација која доаѓа во прав момент и ќе овозможи значително зголемување на капацитетите на единиците на нашата Армија за извршување на нивните задачи, што директно ќе влијае и за постигнување на декларираното ниво на борбената подготвеност на претстојното оценување “, рече Петровска.
Амбасадорката Мелсом истакна дека меѓусебните дипломатски односи кои континуирано се подобруваат во последните 30 години, во последните години уште повеќе се зајакнаа и во воената соработка, особено по приемот на Северна Македонија во НАТО и посветеноста која ја покажуваме кон исполнување на вредностите на Алијансата.
„Ја гледаме не само воената опрема што и ја дадовте на Украина, туку и зголемениот број војници што ги имате распоредено во различни мисии. Вашата цел да распоредите 10% од вашата армиска структура е импресивна. Ова го гледаме на дело со вашите придонеси во мисиите на ЕУ, мисиите на НАТО, КФОР во Република Косово, учеството во Активности за зајакната будност во Романија и Бугарија, Зајакнато истурено присуство во Латвија и мисијата на ОН во Либан. Сето ова потврдува дека работите подеднакво како и сите други во Алијансата и Норвешка со гордост ве нарекува и сојузник и пријател“ рече Мелсом.