Пратеничката, Нола Исмајлоска Старова, од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница за пратенички прашања во Собранието, го праша вицепремиерот, Кочо Анѓушев, дали е точно дека вицепремиерите сакаат да ги зголемат своите плати за бодот да им стане 4. Анѓушев на тоа одговори дека нема такви информации и дека откако е на функција ниту еднаш не ја земал платата што му се исплаќа од државата, туку сите плати ги донирал.
-Знам дека имаше иницијатива од Здружение или партија, не знам веќе што е, Левица, која постави прашање зошто постојат потпретседатели на Владата, бидејќи постои некаква неусогласеност. Уставниот суд одлучи дека треба да се усогласат називите на потпретседаелите, во заменици на Владата. Не можам да ви одговорам на прашањето бидејќи не знам, но вие сакавте да имплицирате дека сме се бореле за поголеми примања. Јас можам да кажам дека никој не се борел, а јас не се ни интересирам од проста причина, што не и е познато на јавноста, но јас мојата плата како ја земам комплетно целата ја донирам, при што внимавам да има етничка застапеност и да бидат опфатени сите градови во Македонија. Не знам колкава ми е платата, а уште помалку имам намера да се борам да се зголеми. Ова не сум го зборел јавно, бидејќи ценам ако некој нешто прави, треба да прави од душа, а не заради пи-ар – рече Анѓушев.
На тоа пратеничката возврати:
-Не знам како прв пат тоа го кажувате кога на целата јавност и е познато дека Анѓушев ја донира својата плата. Не мислам дека нешто имплицирав, мене овие информации ми ги дадоа граѓани кога се зборуваше за привилегии на пратеници, па сакам да добијам таква информација дали е точно – додаде Исмајлоска-Старова.