Откако беше запалено возилото на пратеникот Петар Ристески, ноќеска во Прилеп гореше уште едно возило, овој пат семејниот автомобил на лекар и вработена во општина Прилеп, раководиталка на Сектор за урбанизам и заштита на животната средина.
Од МВР за „Фокус“, потврдија дека синоќа околу 1 часот по полноќ било опожарено возило во Прилеп.
-На 21.07.2022 во СВР Битола – ОВР Прилеп е пријавено дека околу 01.00 часот на ул„Киро Нацевски Фетак“ настанал пожар во патничко моторно возило „пежо“, со прилепски регистарски ознаки, сопственост на Н.Р.(65) од Прилеп. Пожарот е изгаснат од страна на територијалната противпожарна единица Прилеп, а повредени лица нема. Увид изврши увидната екипа на ОВР Прилеп, велат од МВР.
Возилото најверојатно било на име на сопругот на вработената во општина, Васе Никоска. Таа во изјава за Канал 77 изјавила дека не знае кој може да го предизвика пожарот.
– Ова е порака. Повеќе од материјалната штета е стравот и стресот што го преживуваме, изјавила Никоска.
Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола, потврди дека во градот има зајакнато полициско присуство се додека целосно не се расчистат сите случаи, во кои беа опожарени возила.
Ова, официјално е трето опожарување возила во Прилеп за околу еден месец.
Вчера, рано изутрината беше запален автомобилот на пратеникот Петар Ристески, во што настрада и возилото на неговиот татко, а пред речиси еден месец беше запалено и возилото на директорот на прилепски комуналец Рубин Абрашоски.