Ноќ на хитови и вкусови со Брејк и Нокаут во Градско!

by Fokus

Ноќ исполнета со хитови, вкусови и енергија, за сите љубители на доброто вино и песна, како и за гурманите, ќе се одржи на 22-ри март (сабота) во Градско. Настанот каде гостите ќе ги забавуваат Нокаут и специјалниот музички гостин – Дарко Гелев Брејк, ќе започне во 21 часот, во винаријата Стоби, и веќе има огромен интерес за истиот.

Повторните заеднички настапи на Нокаут и Брејк, се вистинско освежување на сцената, посебно откако кон крајот на декември минатата година во етерот беше пуштена новата песна на Брејк, ,,Оваа песна не знаев да ја напишам”. Музиката и аранжманот за моќната балада се на Никола Перевски Пере од Нокаут, текстот е на Игор Џамбазов, Никола Перевски и на Брејк.

Брејк, кој подолг период не беше активен на сцената, ја изненади публиката минатата година, кога се појави како гостин на концертите на Нокаут. Со хитовите „И после сè“, „Болиш“,„ Во бестрага“, „Само ти” и други, предизвикаа еуфорична атмосфера, и ги вратија присутните во минатите времиња, кои ги одбележаа нивните безвременски хитови кои и денес се слушаат, но и обработуваат од бројни музичари.

Дегустацијата на вината, надополнета со кулинарски деликатеси и музиката на Нокаут и Брејк, во уникатен амбиент, е настан кој го привлече вниманието на љубителите на добрата забава, и се очекуваат гости од сите краеви на земјава да пристигнат наредната сабота во Градско.

Вики Клинчарова

Поврзани новости