Нобеловата награда за физика ја добија тројца научници

by Fokus

Научниците Сиукуро Манабе, Клаус Хаселман и Џорџо Париси ја добија Нобеловата награда за физика во 2021 година за нивниот „револуционерен придонес во разбирањето на сложените физички системи“, објави во денеска шведската Кралска академија на науките.

-Сложените системи се карактеризираат со случајност и нарушување и тешко се разбираат. Оваа година Нобеловата награда ги признава новите методи со кои тие се опишани и со кои го предвидуваат нивното долгорочно однесување, се вели во соопштението на Шведската академија на науките.

Манабе (90) е американски државјанин, Париз е Италијанец, а Хаселман е Германец.

Наградата за физика е второто признание годинава. Вчера им беше доделена Нобеловата награда за медицина/физиологија на двајца Американци, Дејвид Џулиус и Ардем Патапутиан, за нивното откритие како се активираат нервните импулси за температура и допир.

И оваа година нема да има свеченост во Стокхолм поради ковид-19, а лауреатите ќе добијат медали и дипломи во своите матични земји.

Престижната награда е вредна десет милиони шведски круни, што е нешто помалку од милион евра.

Името на добитникот на наградата за хемија ќе биде објавено утре, в четврток за литература и в петок за мир, единствената награда што ќе биде доделена во Осло.

Наградата за економија ќе биде објавена в понеделник, со што ќе заврши годинашниот циклус.

Поврзани новости