Потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, говорејќи за проблемот со Бугарија во 360 Степени, рече дека Македонија не треба да направи никакви отстапки кон Софија сѐ додека од таму не дојдат писмени гаранции дека барањата нема да одат до недоглед.
-Во Бугарија влади се менуваат, стратегијата останува. Ако некој малку избега го враќаат на колосек и дури и јавно, еве на Петков му кажаа – ако ја промениш политиката кон Македонија нема да си премиер… Еден од начините да се реши проблемот е со цврсти гаранции, не само на писмено, туку и со одлука на бугарското Национално собрание дека нема да има повеќе барања во однос на Македонија. Сѐ додека не добиеме гаранции од Бугарија не смееме да направиме ниту еден чекор – смета Николоски.
Тој изрази очекување дека лидерската средба којашто ја бара претседателот на опозициската партија ќе се случи следните денови.
-Јас сѐ уште мислам дека ќе имаат доволно свесност до вторник, вторник е 10-ти мај и дека во текот на викендов ќе се случи таа лидерска средба на којашто ќе договориме датум за предвремени избори и во овие четири клучни сектори ќе почнеме да наоѓаме решенија за доброто на Македонија – вели Николоски.
Според него, за првпат во историјата на Македонија нема меѓусебна комуникација меѓу ВМРО и СДСМ.
-Самиот нов премиер рече дека сака комуникација со ВМРО-ДПМНЕ и тој беше тој кој во јавност рече дека ќе понуди лидерска средба. Да знае јавноста, од тогаш до сега нема комуникација. Ова е првпат во историја на Македонија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да немаат никаква комуникација. Ниту официјална, ниту неофицијална – вели Николоски.