Одземена лиценцата на анестезиологот од тетовската Клиничка болница, кој објавуваше пациентки на Тик-ток

by Fokus

Судот на честа при Лекарската комора на  на денешната седница донесе одлука за привремено одземање на лиценцата за работа на д-р Ваљтон Дервиши, специјалист анестезиолог, вработен во ЈЗУ Клиничка болница Тетово.

„Лиценцата за работа на докторот привремено се одзема за период од 7 години, што согласно правните прописи е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето.

 

Судот на честа утврди дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинска деонтологија на ЛКРСМ како и Меѓународниот кодекс на медицинска етика. Докторот на медицина својата професија треба да ја врши совесно и одговорно со почитување на човековото достоинство“, се наведува во соопштението од Лекарската Комора.

Од таму додаваат дека тој како лекар е должен да ги почитува и штити правата на пациентите и да ја чува нивната доверба и тајност на медицинските податоци.

„Почитување на етичките норми е најважната основа на која лекарите секојдевно ги практикуваат своите стручни знаења во областа на медицина и ги лекуваат пациентите. И најстручниот лекар не е доволно добар лекар ако не ги почитува етичките норми и правила.

 

Лекарската комора како професионално здружение на сите доктори на медицина во нашата земја нема да дозволи дигнитетот и угледот на докторите да бидат загрозени од неодговорно однесување на поединци во фелата.

 

Со денешната одлука органите на Комората како легитимни претставници на сите нејзини членови испраќаат порака дека лекарите веруваат во етичките вредности и правила и силно ќе се залагаат за нивно доследно почитување во работата“, додаваат од Лекарската комора.

Пред два дена, Основното јавно обвинителство Тетово поднесе обвинение против анестезиологот кој во тамошната болница снимаше пациентки и видеото го објави на Тик-ток. Анестезиологот се товари за несовесно работење во службата, како и за неовластено снимање.

„Во спроведената претходна постапка беа прибрани докази кои го поткрепуваат основаното сомнение дека обвинетиот, како службено лице – анестезиолог вработен во ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, на 14 април неовластено направил снимка од пациенти и вработени и ја објавил во живо на социјална мрежа, со што постапил очигледно несовесно во вршењето на своите овластувања и должности и потешко ги повредил нивните права“, соопшти обвинителството.

Анестезиологот кој одеше во живо на социјалната мрежа ТикТок снимајќи пациентки и персонал на одделот на гинекологија во тетовската болница пред десетина дена  беше приведен во селото Одри.

Откако докторот веќе беше приведен, актуелниот министер за здравство, Фатмир Меџити, изјави  дека според негови информации уапсениот анестезиолог од тетовската болница, кој беше приведен откако снимал и емитувал пациенти во живо на тик ток, се појавувал на работа под дејство на наркотици.

„Ова однесување на анестезиологот не било испитано и санкционирано од причина што во болницата не била формирана дисциплинска комисија. Јас добив непотврдена информација за претходно несовесно однесување на лекарот од Тетово, но немаше ништо запишано и претходно не била покрената никаква постапка, дисциплинска или каква било друга“, изјави тогаш Меџити.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости