Лажни имејл пораки денеска биле испратени од страна на непознат испраќач, кој, фалсификувајќи го идентитетот на НЛБ Банка Скопје, и користејќи го логото, се обидува да извлече доверливи податоци од целната група до која е испратен овој мејл, соопшти банката на својата веб страница.
Наведуваат дека одредени физички и правни лица (клиенти, но и лица кои не се клиенти на банката) добиваат пораки од мејл адресата:NLB Banka AD <aorp@nlb.mk>, со предмет на пораката – Интербанкарна трансферна исплата.
Од банката велат дека се оградуваат од овие пораки и апелираат до сите оние кои ќе добијат електронска порака да не го отвораат прилогот на пораките пристигнати од оваа мејл адреса, со цел заштита од злоупотреба на податоците. Доколку ваквите пораки заедно со прилозите биле веќе отворени, од НЛБ банка советуваат лицата да се обратат за помош до ИТ професионалец. Потенцираат дека сите известувања на банката испратени преку електронска пошта, се потпишани со дигитален сертификат. Во меѓувреме, нагласуваат дека Банката ги презема сите неопходни активности за справување со конкретната ситуација.