За проектот „НЛБ Рамка за помош“, НЛБ Банка Скопје ја доби националната награда за најдобра општествено одговорна практика во категоријата „Вложување во заедницата“ кај големи претпријатија за 2021 година и признание за најинвентивна практика. „НЛБ Рамка за помош“ е програма иницирана и поддржана од НЛБ Групацијата која се спроведе на сите пазари во регионот на кои е присутна Групацијата и претставува уникатен проект за поддршка на микро и малите претпријатија во Ковид кризата. Проектот започна во првата пандемска година, 2020, а истиот продолжи и во 2021 година.
Виолетовата рамка за помош на НЛБ Банка беше наменета за промоција на најпогодените бизниси во ситуацијата со Ковид-19. Проектот „НЛБ Рамка за помош“ имаше за цел да креира општествено одговорна активност која ќе им помогне на малите компании да „закрепнат“ од последиците од пандемијата, да се „рестартираат“ и да го одржат својот бизнис. За секое избрано правно лице, Банката отстапи бесплатен рекламен простор и изготви соодветен рекламен пакет кој содржеше комбинација од различни медиуми за рекламирање во одреден временски интервал.
Наградата и признанието му беа врачени денеска на Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, Бранко Грегановиќ на свечена церемонија во организација на Министерството за економија на Република Северна Македонија и Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата.
„Ковид кризата силно ја погоди економијата насекаде во светот. Најпогодени од пандемијата беа микро и малите компании кои се соочија со намален обем на работа, неможност за исплата на плати, отпуштања на вработени и потреба од финансиска помош. Тоа, впрочем, беше и мотивот зад „виолетовата рамка“ на НЛБ која во двете пандемски години им даде поддршка токму на микро и малите претпријатија, обезбедувајќи им бесплатно рекламирање и промоција на нивните производи и услуги. Ние во НЛБ Банка сме исклучително горди на нашиот придонес во заедницата во која делуваме и поддршката која ја даваме во форма на спонзорства и донации и низа други проекти со широко општествено значење. Продолжуваме да работиме на полето на општествената одговорност, реализација на агендата и остварување на целите за одржлив развој, затоа што веруваме дека на таков начин можеме да го подобриме квалитетот на животот во заедницата и да придонесеме за одржлив економски, еколошки и социјален систем“. – истакнува Претседателот на УО на НЛБ Банка, Бранко Грегановиќ.
Во рамките на проектот „НЛБ Рамка за помош” можеа да аплицираат сите правни лица- самостојни трговци, занаетчии, индивидуални земјоделци и микро и мали компании со регистрирана канцеларија или постојан престој во земјата. Сите пристигнати апликации беа разгледувани од страна на комисија, а по направената евалуација, селекција и избор на оние претпријатија кои ги исполнуваа условите и критериумите, следеше фаза на подготовка на промотивните елементи, подготовка на медиумски планови за пласман, креирање дизајни за секоја компанија посебно, нивна продукција и промоција.
Инаку, во 2020 и 2021 година, со проектот „НЛБ рамка за помош“ беа опфатени повеќе од 180 микро и мали претпријатија. Благодарение на проектот, овие компании успеаја да го надминат најголемиот предизвик на пандемијата – како да допрат до своите потрошувачи, да ги пласираат своите производи и услуги, да останат конкурентни и видливи и на тој начин да го одржат својот бизнис, давајќи со тоа значаен придонес и кон одржливоста на кревката економија, силно погодена од Ковид кризата.
ПР текст