Граѓаните имаат ниска доверба во Собранието и пратениците, покажува истражувањето на Програмата за парламентарна поддршка за работата на Собранието на Република Северна Македонија кое беше презентирано во Собранието пред пратениците и претставниците на собраниските служби. На скала од 1 – најниска, до 10 – највисока, граѓаните довербата во Собранието ја оценија со 3.4 што е пад од 0.6 во споредба со 2022 година.
Истражувањето ги анализира перцепциите на граѓаните за работата на Собранието генерално, почнувајќи од довербата во Собранието во споредба со другите власти, надзорната улога на Собранието, кого претставуваат пратениците, функциите на Собранието, информираноста за работата на законодавниот дом, како и други реформски процеси клучни за унапредување на работата на Собранието.
Ова истражување вклучува теренска анкета спроведена во периодот од 22 февруари до 09 март годинава и девет фокус групи, кои беа спроведени во април 2023 година.
Настанот го отворија Роберт Скот Хислет, виш постојан директор на НДИ и тим лидер на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) и Марко Трошановски, Претседател на Институт за демократија (ИДСЦС).
Хејзлет рече дека пратениците, за да покажат одговорност пред јавноста, треба да размислат за етички реформи и реформи во кампањите како и за поголем законодавен надзор.
„Граѓаните во Северна Македонија се загрижени што пратениците ефективно не одговараат на потребите на граѓаните и сметаат дека пратениците ги застапуваат нивните лични интереси (80%), интересите на политичката партија (75%) и бизнис интересите (64%). “, рече Хислет.
Трошановски потенцираше дека за да се подобри перцепцијата за Собранието клучна е неговата активна надзорна улога врз извршната власт.
„Ако сакаме Собранието да се претвори во вистински законодавен дом, како врховна институција на суверенитетот на граѓаните, тогаш надзорната функција односно контролата на властa, барањата на одговорност, како и земање во предвид на сите извештаи на ДЗР и посочените пропусти од Антикорупциската комисија, е нешто што мора да се направи во следниот период“, смета Трошановски.
На скалата од 1 – најлошо, до 5 – најдобро, граѓаните за работата на Собранието лани дадоа средна оценка од 2,2 што претставува пад на скалата споредено со изминатите четири години.
Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека Собранието не ја извршува докрај својата надзорна улога, односно 27% од испитаниците сметаат дека Владата има целосна контрола над Собранието. Дополнително, речиси половина (46%) од испитаниците сметаат дека Собранието ја зголемува корупцијата, наместо да ја намалува. Високи 70% од испитаниците сметаат дека повеќето од пратениците не се подготвени да носат одлуки во име на граѓаните. Тие сметаат дека пратениците не се подготвени за функцијата што ја имаат, се сомневаат во нивните способности – „не учи многу, ќе станеш пратеник“ (Етнички Албанец, Тетово 65+). Тие исто така сметаат дека пратениците не се спремни за обврските кои произлегуваат од евро-интегративниот процес, но и дека немаат искрена волја за ЕУ интеграциите – „само се караат, но не сакаат да одиме во Европа, затоа што ќе го немаат тоа што го имаат, комодитет да прават што сакаат“ (Етнички Македонец, Куманово, 65+).
Донесувањето на што поквалитетни закони, надгледувањето над трошењето на буџетот и грижата за имплементирањето на законите и политиките, се посочени како најважни функции на Собранието. Сепак, извршувањето на овие функции од страна на Собранието е оценето како незадоволително од страна на мнозинството граѓани. Сметаат дека повеќето закони се гласаат со забрзана постапка и тоа значи дека нема вистинска дебата во Собранието. Законите иако можеби се добри, тие не се имплементираат – „Многу работи фалат, на пример законот за млади не се спроведува. После донесување закон следи нова борба за негова имплементација“ (Етничка Македонка, Битола, 18-30).
Во поглед на отвореноста на Собранието кон јавноста, најголем дел од испитаниците сметаат дека Собранието е целосно или делумно затворено за јавноста, а пратениците не ги земаат предвид забелешките на јавноста при изработката на законите.
Доминантен дел од испитаниците сметаат дека пратениците секогаш ги застапуваат нивните лични интереси, интересите на политичките партии, како и бизнис-интересите. Голем дел од анкетираните граѓани, сметаат и дека пратениците до некоја мерка се зависни од волјата на лидерите на политичките партии од кои доаѓаат.
Мнозинството граѓани сметаат дека бојкотот на работата на Собранието како и развлекувањето и одолговлекувањето на дебатата за да не се донесе некој закон или одлука, не се исправни начини за искажување политички ставови во работата на Собранието. Дополнително, граѓаните за најважните политички процеси во државата очекуваат дебата во Собранието наместо на лидерски средби.
Доминира бројот граѓани кои сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока во однос на оние што го сметаат спротивното. Најголеми оптимисти се жителите на Југозапад, каде над половина одговорија дека животот се движи во правилна насока. Најмногу негативни одговори, односно дека животот се движи во погрешна насока дале жителите на Вардарски Регион, Југоисточен Регион, Пелагониски, Полошки и Североисточен Регион.
Оваа публикација е подготвена од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во рамките на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) која е финансирана од Владата на Швајцарија, а ја спроведува Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и Центар за управување со промени (ЦУП). Содржината на публикацијата во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Владата на Швајцарија.